Дома Останато Ѓорѓи Спасов: Кога прв пат заплакав

Ѓорѓи Спасов: Кога прв пат заплакав

Статус на Ѓорѓи Спасов:

Loading...

„Мирисот на детството„- позајмено од Кица Колбе

Бугарскиот писател Георги Господинов во неговата книга „Физика на тагата„ која е преведена на македонски јазик пишува: „Брзам да запишам се, да спакувам во тефтер, како што брзаат да ги соберат јагнињата пред да се разгрми бурата.Се побрзо губам имиња и лица од помнењето.

Таква беше и болеста на татко ми. Некој доаѓаше и со голема гума бришеше се одзади, па напред.Најпрво забораваш што се случило вчера, последно оди она што е најдалеку зафрлено. Во таа смисла секогаш умираш во детството„.

Кога прв пат заплакав
-сеќавања од детството-

Баба ми Лефка беше една ситна жена секогаш забрадена со црна марама која ја викаше „мафес„

Никогаш не разбрав што е тоа мафес и зошто така го викаат, ама често го слушав тој збор.Беше родум од селото Ваташа а се омажила во Неготино и имаше седум деца.

Три машки и четири женски. Најстарото, синот Ѓорѓи бил бербер пред војната. Според кажувањата, бугарската војска го мобилизирала токму кога веќе разбрал дека неговата сопруга Бранка е бремена.

Избегал со еден другар од војската ама една германска патрола го открила и заедно со еден негов војнички другар биле стрелани. На споменикот на жртвите на фашизмот во Неготино стои и неговото име.

Неговата сопруга Бранка од Битола родила син и него го крстиле Ѓорѓи, но детето починало уште во првите денови по раѓањето.

Дедото Атанас велат дека умрел од настинка. Го славел свети Никола и играл оро со другарите во дворот бос по снегот тој декември, по што му се влошила состојбата и починал. Ја оставил баба ми со шест деца да се снаоѓа во тие тешки времиња но и со неговата пензија.

Ќерките се мажеле и заминувале од дома, чичко ми се ожени и се направија за него неколку одаи во соседниот двор, а баба ми остана да живее со татко ми, како нејзин најстар син , кој веќе имаше три деца.

За нас, децата најголема радоста беше кога баба ми ја добиваше пензијата. Тој ден во куќата се одвиваше настан во кој сите учествуваме.

Ние децата јавуваме уште од улица дека поштарот, секогаш насмеаниот и задишан чичко Трајко доаѓа, баба ми го местешe мафесот и ја разместуваше масата за кафе и локум а сите ние учествуваме во броењето на парите, кое ритуално го изведуваше чичко Трајко .

Баба ми, откако ќе се потпишеше на ливчето што и го даваше поштарот на секое од нас ни даваше по 10 денари од пензијата а на чичко Трајко исто така некој ситниш, кој благодарниот поштар редовно гo триеше од косата и велеше „ај нека нека се множат„.

Еден ден ни јавија дека баба починала. Имав можеби 10 или 11 години и знам само дека нас на децата ни рекоа да не одиме во горната куќа кај што беше ставен сандакот со неа и кај што даоаѓаа комшии и роднини да изразат сочуство.

Мајка ми имаше ставено црна марама, татко ми се шуткаше во темно одело, доаѓаа тетките со нивните мажи од Велес, од Скопје и од Пирот.

Ние децата најмногу го сакавме тетин Душко од Пирот. Беше крупен и убав маж но кривеше на едната нога во која наводно бил погоден од шарпнел за време на војната со Германците.

Знаеше да ни раскажува фантастични приказни за неговото херојство и медаљите што ги добил за покажаното херојство, но секогаш во тие приказни излегуваше дека успевал многу итро да ги надмудри Герaманците , да ги зароби или измами.

Го викаа Душко –Миник. Кој знае зошто? Но сакаше многу да пие и беше гласен кога беше пијан.

И тој беше дојден за погребот на баба ми и ние децата го слушавме неговиот глас од далеку како вели на пиротски: Мртвац оќе нешто да поједемо. Па мртвац оќе нешто да попијемо. И на крајот, мртвац оќе нешто да запојемо. И тогаш се уфрлаше тетка ни Владанка:

Аман Душко не срамоти ме. И заканувачки. Само да проѓемо Куманово (мислеше за назад), па ќе видиш ти.

Ние децата во таа гунгула, вечерта пред погребот, кога се пречувуваат умрните, како да бевме поштедени од трагедијата.

За душа на баба ми таа ноќ имаше многу повеќе и јадење и пиење.

Се сеќавам дури дека во еден момент јас се пикнав во куќинчето, како што ја нарекувавме кујната во која обично јадевме и во која се собиравме околу печката, ја земав мандолината на која веќе имав научено да свирам и почнав тивко да ја свирам „Кинисале син и мајка„ што ја сакаа баба ми и татко ми.

Мислев дека на тој начин го чувам сеќавањето за неа. Но,некоја од тетките брзо се втурна во куќинчето и ми рече да ја оставам мандолината оти тоа не смее да се прави на тој ден. Тогаш забележав дека и радиото го беа покриле со некој чаршав.

Поминаа неколку месеци од погребот на баба ми и веќе го имавме зборавено ритуалот со пензијата.

Еден ден на улица го сретнав чичко Трајко поштарот. Ги разнесуваше пензиите тој ден.Како и секогаш беше задишан и испотен но со весел и благ лик.

Ме забележа меѓу децата,и ме викна. „Дојди ваму да ти кажам нешто„.

Кога му се доближив ,извади десет денари од џебот и ми рече. „Еве земи. Ова е од пензијата на баба ти„.

Тогаш прв пат заплакав.

Loading...