Дома Македонија Може ли ВМРО-ДПМНЕ да го чини пораз на изборите влегувањето во техничка...

Може ли ВМРО-ДПМНЕ да го чини пораз на изборите влегувањето во техничка влада

Пржинскиот модел за составување техничка влада пред избори, беше воспоставен во 2016 година, по големата афера со објавување прислушувани материјали од тогашната опозиција со СДСМ на чело и нејзиниот лидер, а подоцна премиер Зоран Заев.

Тогашниот премиер Никола Груевски се повлече од функцијата, а на негово место дојде Емил Димитриев, кој на функцијата остана многу подолго од предвиденото, поради познатите настани кои се случија во собранието.

Интересно е дека на тие избори, повторно победи ВМРО-ДПМНЕ, но не успеа да формира влада.

Loading...

Познати се препукувањата меѓу техничките министри од опозицијата, нивните заменици од спротивниот табор и владеачкото мнозинство во владините институции.

Таквата слика особено беше актуелна во Министерството за внатрешни работи, нешто што и денес се случува.

Многумина тогаш прокоментираа дека тогашната опозицијата изгуби многу симпатии во јавноста поради фокусирањето на кадровските решенија, наместо да се пожат што повеќе нови проекти кои би ја афирмирале партиската програма пред изборите.

Нешто слично се случува и денес. Техничкиот министер за внатрешни работи веднаш се зафати со менување решенија на вработени, наместо на пример да се зафатеше со решавање на нерасчистените случаи за кои доскорешниот министер, а сега технички премиер Оливер Спасовски беше обвинуван од опозицијата.

Техничката министерка за Труд и социјална политика, Рашела Мизрахи секојдневно е по медиумите, најчесто во негативна конотација.

Врв на несериозното однесување на висок опозициски функционер, се чини беше вчерашниот упад во стилот на Саше Политико, на заменик министерот за земјоделие Цветан Трипуновски, во подрачна единица на министерството, каде проверуваше кој е на работа и на вработените им коментираше дека земјоделците не биле задоволни.

Наместо да се зафати со решавањето на проблемите во земјоделието, наместо да предложи некаква брза мерка од која земјоделците ќе видат некаков бенефит и зрак надеж дека доколку опозицијата победи на следните избори, нивниот статус ќе биде унапреден, тој се одлучи на чекор кој предизвика потсмев и негативни рекации во јавноста.

Од тука, се поставува прашањето, дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со кадровските решенија кои ги понуди за технички министри не си штети на својот рејтинг и дали на овој начин ќе си ги намали шансите за победа.

Бидејќи, владеачката партија како едвај да чекаше вакво однесување на опозициските функционери, за да опоентира дека еве, во ВМРО-ДПМНЕ не е ништо променето, дека се ова старите Грујови кадри, дека ВМРО не планира да ги промени политиките поради кои пред само три години падна од власт, а потоа катастрофално ги загуби и локалните избори.

ВМРО-ДПМНЕ има паметен и интелектуално супериорен лидер, зад кого не се влече никаква опашка. Искусните аналитичари сугерираат тој да го фати поцврсто кормилото на партијата и дури и да им забрани јавни настапи на функционерите кои ги назначил, сè со цел да стигне до победа на претстојните избори.

Сепак сме 21 век, време во кое информациите се пренесуваат со брзина на светлината и партија со габарит каков што има ВМРО-ДПМНЕ, мора да има јасна стратегија за однесувањето на секој поединец кој е вклучен во техничката влада, но и во структурата и хиерархијата на истата.

Петар П.

Loading...