Дома Македонија Жарко Трајановски му напиша писмо на другарот Геро и го потсети што...

Жарко Трајановски му напиша писмо на другарот Геро и го потсети што зборувал пред 10 години

Статус на Жарко Трајановаски: До другарот Геро, од пред 10 години

Друже Геро, Те читам еве подолго време како патронизирачки делиш лекции по „македонизам“ кои се шират по пропагандните портали кои до некни те оцрнуваа како „предавник“. Последно што прочитав е како лиферуваш неосновани обвинувања дека некој сакал да наметне придавка изведена од уставното име, дека некој сакал да ја менува химната, инсинуираш дека некој си ја самонегирал нацијата, па дури и посакувал Македонија да умре.

Loading...

Скраја да е. Читам, се чудам, и си се прашувам: Дали е ова истиот Геро со кој пред една деценија го основавме ГЕМ, со кого заедно шетавме низ Македонија, поставувајќи го прашањето „Можеме ли во НАТО и ЕУ без компромис?“

Си се прашувам, оти јас паметам еден друг Геро со кого укажувавме дека достоинствен компромис со Грција е неопходен, ако сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ. Геро – со кој заедно ги разобличувавме политичките манипулации на груевизмот, особено пропагандната догма дека сме можеле во ЕУ и во НАТО без компромис со Грција.

Паметам еден друг Геро, кој во 2009 година храбро јавно истапуваше и пишуваше: „Јас мислам дека предлогот Северна Македонија беше добар предлог и не сум сигурен дека било кој следен предлог што би бил искамчен од наша страна ќе биде подобар.“

Го паметам Геро како вистински патриот кој укажуваше дека „Вистинските патриоти треба да се грижат оваа земја да стане членка на ЕУ и членка на НАТО, да ја обезбеди својата иднина, да ја обезбедиме иднината на нашите деца, а не како инфантилни дерлиња да се караме со сите, со нашите пријатели“.

Го паметам одлучниот Геро, кој ја критикуваше антиквизацијата и лажната позиција на Груевски кој „има една силна психолошка блокада – тој целиот свој политички хабитус, целото свое политичко битие го изгради на т.н одбрана на уставното име“.

Паметиш ли друже Геро, кога заедно на трибини укажувавме дека промената на уставното име, не значи и промена на идентитетот? Еве што останало во интернет архивите по една трибина на ГЕМ од „Февруарскиот поход“ во 2009:

„Државата тоне во тоталитаризам, корупција, сиромаштија и ги губи сите позиции за скорешно вклучување во европското семејство. Преговорите со Грција за името се исполнети со манипулацијата дека борбата за името е всушност борба за нашиот идентитет. Промената на уставното име, според нив, не значи и промена на идентитетот. Затоа, компромисот со Грција и борбата за ЕУ всушност претставуваат влог во иднината.“

Каде се изгуби овој другар Геро од 2009? Како одеднаш Геро стана квазипатриотски херој на пропагандните партали Курир, Инфомакс и Република, и главен соговорник на Јанко Јади Бурек – безмалку на истата пропагандната тајфа која пред 10 години не оцрнуваше како „предавници“?

Се прашувам, и немам одговор, друже Геро.

Loading...