Дома Балкан Вучиќ: Ако мислите да доаѓате во Србија со барање да го признаеме...

Вучиќ: Ако мислите да доаѓате во Србија со барање да го признаеме Косово, ич не доаѓајте

Србија ќе преговара за компромисно решение, но ако некој мисли да дојде во белград и да ни каже да го признаеме Косово – тоа нема да се случи, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој во интервју за грчкиот весник Катимерини, на прашањето за корекцијата на границите како можен дел од решението на косовската криза, постави контрапрашање – за кои граници станува збор, за оние кои ги признаваат Кина, Русија, Грција и Шпанија, или оние кои ги признаваат Франција и Германија.

На повтореното прашање на новинарот за сценариото за размена на територии, Вучиќ потсети дека Србија секогаш барала компромис и дека не сака да се наметне решение кое ќе биде во интерес само на една страна.

„Ние сме спремни и отворени да преговараме за какво било компромисно решение. Некои спомнуваат други модели, но не ни нудат ништо конкретно. Ако некој мисли да дојде во Белград и да ни каже да го признаеме Косово и Метохија како независна земја, тоа нема да се случи“, кажа Вучиќ.

Тој ѝ изрази благодарност на Грција за тоа што не ја призна независноста на Косово и кажа дека „станува збор за земја која го штити меѓународното право, и покрај притисоците на кои по тоа прашање била изложена.

„Од мене нема да чуете други барања освен тоа дека сакаме да се укинат царините од 100 отсто (кои ги воведе владата во приштина на српските производи). Затоа сакаме да седнеме на маса, да разговараме за тој проблем и да пробаме да најдеме решение“, кажа Вучиќ во интервјуто кое го даде за време на дводневната официјална посета на Атина.