Дома Магазин По паузата после скандалот со химната, Тамара се враќа на сцена

По паузата после скандалот со химната, Тамара се враќа на сцена

По пауза од скоро три месеци, поп пејачката Тамара Тодевска повторно им се враќа на настапите. На 17-ти септември таа ќе настапи на Камениот мост, односно на плоштадот Филип Втори, во склоп на манифестацијата ,,Звуците на чаршијата”.

Паузата на македонската евровизиска ѕвезда се должеше на, како што самата изјави, ненамерната грешка при интонирањето на химната за време на прославата по повод 4-ти јули во американската амбасада.

Таа се најде на мета на обвинувања од јавноста бидејќи при интонирањето на македонската национална химна ги изостави Делчев, Питу и Сандански, па поради тоа го откажа гостувањето на ,,Пивофест” во Прилеп и најавениот концерт во Антички театар во Охрид.

Појаснувајќи дека семејството и минува низ пекол поради ненамерната грешка при пеењето, таа порача како се надева дека и јавноста ќе ја надмине нејзината грешка и ќе најде начин да разбере дека е повеќе од ненамерна.

Најверојатно, Тамара проценила дека грешката е надмината од страна на јавноста, па ја прифатила понудата да запее на манифестацијата во Скопје. Настапот во Скопје на 17-ти ќе биде прв на пејачката по настанот во амбасадата.

Во меѓувреме, таа се пофали дека заминува на европска турнеја. На 5-ти октомври Тодевска ќе настапи во Мадрид, Шпанија, на втори ноември во Архус, Данска, а пак на 30-ти ноември во Келн, Германија. Кога се врати од Евровизијата од Израел, веднаш по пристигнувањето во Скопје таа замина во студиото на 1ТВ, каде пред камери и беше врачена донација во висина од 10.000 евра, во име на Бојан Јовановски, БМЈ Медиа Груп и 1ТВ. Целта на паричната донација, според менаџментот на телевизијата беше да се помогне во градење на интернационална музичка кариера на Тамара.

Извор: Пинџур