Дома Балкан Мицотакис: Македонија е наш бренд и треба да го штитиме – со...

Мицотакис: Македонија е наш бренд и треба да го штитиме – со Заев ќе се сретнам во некоја прилика

Сѐ уште не е предвидена некоја средба со господинот Заев, но очигледно е дека во некој момент ќе се сретнам со господинот Заев, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната прес конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун.

Едно од прашањата упатени до претседателот на владата на Грција, се однесуваше на Договорот од Преспа, а Мицотакис освен што го повтори ставот на Нова демократија и додека беше опозиција, дека е „национално штетен договор“, рече дека истото го кажал и за време на сите негови меѓународни средби, но и додавајќи дека „овој договор е ратификуван договор од грчкиот Парламент, а според тоа не се менува произволно“ и најави строга контрола на процесот на спроведување.

-Реков дека ако договорот се изгласа и ратификува, тогаш многу многу тешко може да се смени. Самиот договор не предвидува процеси на промени, туку само контрола на спроведувањето. Бидете апсолутно сигурни дека ќе бидеме многу строги во однос на спроведувањето на договорот, кој го сметаме за лош, но го најдовме пред нас, го наследивме, рече Мицотакис одговарајќи на новинарското прашање.

Грчкиот премиер го повтори и она што го кажа синоќа во неговиот говор дека е потребна „заштита на македонските производи“ и „поддршка на брендот Македонија“ , а ја спомена и комуникациската кампања на глобално ниво.

-Кога некој слуша Македонија, да мисли на нашата Македонија, на вистинската Македонија, на автентичната Македонија.

Ова не е нешто што се одредува од договорот, тоа е нешто што се однесува на нас и нашите можности да ги поддржиме нашата историја и нашето културно наследство. И ова, да немате никаков сомнеж, дека ќе го сториме, истакна грчкиот премиер.

Извор: Фокус