Дека годините не се пречка за ништо во животот, ќе прочитате во текстот подолу. Кога човек има мотив во животот, кога има млад дух и позитивна мисла, ништо не е недостижно.
Битолчанецот Љупчо Илиевски, со прекар ,,Коцкар” (иако никогаш не се коцкал во класична смисла, туку само со брзините и животот), денес на патеката во Крушево, на ридско – брзинскиот натпревар од шампионатот на Македонија, го освои второто место во својата класа.
Веројатно спортските новинари и порталите кои се занимаваат со темите од авто-мото спортот ќе имаат поконкретни податоци и ќе биде интересно да се одбележи дали е ова највозрасниот возач во нашата држава, кој успеал да се искачи на победничкиот пиедестал.
Инаку ,,Коцкарот” од Битола е многу добро познат на Македонската автомото јавност, бидејќи тој, уште во поранешна Југославија настапуваше во натпревари на патеките ширум поранешната држава.
Неговата колекција од пехари и признанија е огромна, а последната трка во нашата држава за Љупчо Илиевски беше далечната 1997 година. По пауза од 22 години, тој е повторно на патеките.
Какво е чувството повторно да се вратиш на тркачкиот асфалт, со мирисот од октаните, останува да ни објасни Илиевски, во следниот прилог на нашиот портал.