Официјална Софија тврди дека немала контакт со бизнисменот Јордан Камчев кој е сведок-жртва во случајот „Рекет“ кој го отвори македонското Јавно обвинителство.
Според информациите до кои дојде Дојче веле, Камчев ги снимал разговорите со двајцата осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, кои го уценувале за случајот Империја на СЈО. Аудио и видео снимките од разговорите, Камчев потоа им ги предал на бугарските служби како гаранција доколку нешто му се случи, а од тамошната влада, побарал и добил и заштита.
Бугарските власти одбиваат да ги коментираат ваквите информации, а формално тврдат дека од Камчев не добиле никакво барање за заштита од него, иако тој е бугарски државјанин.
Во одговор на барање на Дојче веле, од прес-центарот на бугарското министерство за надворешни работи соопштуваат дека „Орце Камчев не барал помош од МНР на Република Бугарија“.
Според Специјалното јавно обвинителство, Камчев поседува бугарски пасош и бугарско државјанство, како и фирма во Бугарија. Од бугарската влада велат дека тие не биле формално информирани од властите во Северна Македонија за тековниот кривичен прогон и преземените мерки кон Камчев, а за нив дознале од објавеното во медиумите.
„Г-н Камчев не испратил никакво барање кон бугарскиот премиер и кон бугарските власти за каква и да е заштита. Овој случај не може да влијае на односите на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, додаваат од бугарската влада.
Извор: Фокус