Дома Македонија Тричковски: Класичниот, патетичен, плачлив, кавгаџиски, македонизам е небулоза поради која страдаат Македонците

Тричковски: Класичниот, патетичен, плачлив, кавгаџиски, македонизам е небулоза поради која страдаат Македонците

Бранко Тричковски: Ќулафкова или однесеното парче шини Обелискот на македонската неконсолидираност, светилникот кој националниот брод непогрешливо го води кон заринканост во плиткоста на сопствената историја, однесеното парче шини од македонската пруга кон иднината, академичката или, можеби, академката, треба правилно на македонски да се каже, Ќулафкова Катица, седнала да го кара премиерот Заев и да му порачува да “престане да и прави штета на државата и на нацијата”.

За мене беше многу интересно како се случило националната штета, што јас ја персонализирам во Ќулкафкова, да открива штета кај друг, па тамам да е тоа и премиерот и, што да правам, го најдов некаде нејзиниот матернистички статус во кој, веднаш, на прв поглед, по којзнае кој пат, ја открив како злобна мајка-вештерка која го тормози своето дете или детето на комшијата со капакот од дрвената кутија за својата квазинационалистичка шминка.

Еве го тоа “академско” излагање во целина: “Не знам дали премиерот на Р. Македонија има слушнато за „македонското прашање“, ама ако слушнал ќе требаше истото да го има предвид пред да даде било каква изјава за македонската историја, нација и идентитет – напиша на својот Фејсбук профил, академик Катица Ќулавкова, како реакција на изјавите на Зоран Заев за грчката телевизија Алфа.

И на Википедија можете да најдете основна насока („Македонското прашање претставува еден од проблемите на Балканскиот Полуостров, а се работи за територијалните претензии на соседните држави кон Македонија и прашањата за постоењето т.е. непостоењето на македонскиот народ, а со тоа и постоењето на македонскиот јазик.

Србија, Бугарија и Грција, секоја од свои „причини“ имаат свои тези за непризнавањето на македонскиот народ, држава и јазик…“) А во својство на премиер должен е да е запознаен многу поподробно со феноменот на македонскиот идентитет и т.н. дисконтинуитет на историјата на македонската држава. Има не само домашна литература, туку и значајни дела на странски автори. Ќе го спомнам Штефан Лотар кој и на македонски го објави своето дело Македонскиот јазол.

Да скратам: македонската историја, идентитет (јазик, народ, Македонија како етнички, а не само како географски поим, територија, црква, име, јазиј, материјална и духовна култура…) – веќе скоро два века – се предмет на оркестрирани негаторски и делбени политики на соседните држави и на западноевропските.

Сите оние кои имаат свои претензии и на коишто Македонија им е предмет на желба. Во тие нивни политики повеќе од очигледни се обидите да ја присвојат македонската културна историја и територија и да го осуетат постоењето на македонска национално-граќанска држава. И последните собитија од 2001 до денес, кои ескалираа со Преспанскиот договор, а се најавија со Охридскиот, се еклатантен доказ дека македонското прашање е отворено и дека со помош на инсталации во највисоките слоеви на власта, заинтересираните странки прават сè за да го затворат на брутално негаторски начин и со многу перфидни политики и реторики.

Македонија е жртва на украдена и девастирана културна и национална историја, а не субјект на негаториски и присвојувачки политики. Самонегацијата е екстремно опасна политичка игра, рамна на велепредавство.

Престанете да и’ нанесувате штета на Македонија. Вие го рушите она што со децении се обидуваме, македонисти, историографи, археолози, уметници и др., да го изградиме како македонски наратив, како научна аргументација, како почит и стекнато право. Македонија има свој значаен дел во античката, византиската, средновековната, нововековната историја.

Немате право ни да негирате, ни да отуѓувате, ни да ја ревидирате македонската историја. Имавте шанси да ја поддржите историската наука и македонистиката, но вие таа шанса ја прокоцкавте. Сега го потпалувате, пиромански, огнот на македонската национална историја. Ја нудите Македонија како монета за поткусурување.

Македонија не ви е света, тоа е повеќе од доволно за да престанете да ја претставувате, уште помалку да ја предводите. Оти ја водите во бездна.” Се заедно, една осмооделенска тралалајки, рефренче што се пее по свадби и слави, завршна капка од алкохолното труење на простиот Македонец, кога ќе му дојде, а му доаѓа постојано, да плаче по Македонија. Тогаш ја зема Ќулафкова и ја конзумира три пати на ден, по литар брља.

Со помош на чисти академски извори, какви што се Википедија и Лотар Штефан, жената доаѓа до научна поткрепа на класиците за Македонија како жртва во континуитет од два века, за дисконтинуитетот на нејзината држава, тука Ќулафкова не пишува ама мисли на дисконтинуитет со државите на Александар и на Самоил, па ја допира агресија на соседите која со помош на внатршните предавници, денеска го достигнува својот уништувачки врв. И така натаму…

Па добро, Катице, каква е таа нација која дозволува два века да биде жртва на агресии и која денеска дозволува таа агресија да се комбинира со смртоносниот отров на домашните предавници. Како е можна!? Каква смисла, освен фолклорна, има постоењето на еден таков чудовишен ентитет. Зошто тој во некој момент не пројавил авресија кон соседите.

Се до вашето и на Груевски и на целата нација самоубиствено швалерисување со Александар, Олимпија и Букефал. Што значи забелешката дека Заев “го руши она што со децении се обидуваме, македонисти, историографи, археолози, уметници и др., да го изградиме како македонски наратив, како научна аргументација, како почит и стекнато право.”

Па тоа е еден од темелните проблеми, мислам тоа што сите тие инстанци се обидувале да изградат македонскиот наратив како научна аргументација како почит и стекнато право, односно како нешто не постоело оти инаку не би имало потреба да се гради.

Во името на таа доктрина беа државните удари на вмро, бојкотирачките движења и процеси, најдраматичното разградување на тоа што беше градено со децении!

И така натаму. Милион пати сум напишал, кчасичниот, патетичен, плачлив, кавгаџиски, македонизам, македонизмот на Македонија како жртва распарчана во историскидиски континуитет од Александар Македонски до договорот од Преспа, е неверојатна небулоза во која имаат страдано генерации и генерации Македонки и Македонци. Ние, новите генерации на изумирање и оние што се помалку се раѓаат, немаме намера да продожиме во тој страдалнички ритам. Ние не сме вморони и не викаме слобода или смрт пред да ја избереме пљачката за себе и смртта на нацијата, ние викаме “слобода!”

И уште еден бесплатен совет, Катице: се додека човек качува трмпература, има шанси за него!

Loading...