Дома Останато Рекреативци од цела Македонија ќе имаат предизвик на Шар Планина

Рекреативци од цела Македонија ќе имаат предизвик на Шар Планина

На денешната прес конференција ваков повик упатија организаторите општина Тетово и Здружението за спорт „Прв до врв”. Предизвикот на Шар Планина има три категории: планинско трчање, планински велосипедизам и друмски велосипедизам.

-Добредојдени се да учествуваат покрај спортисите и рекреативци. Не само во велосипедизам туку и во трчање бидејќи планинско трчање не подразбира искачување цело време со трчање туку може да биде и планианррење.

Затоа секој со основна физичка подготвеност кој има некаков континуитет во рекреакцијата е добредојден и може да учествува и да ги заврши патеките, изјави Александар Георгиевски, од Здружението „Прв до врв”.

Во сабота 20 јули второто издание на спортско-рекреативната манифестација „Предизвикот на Шар Планина” (Sharra Challenge), почнува од тетовскиот градски плоштад во 9 часот.

-Оваа активност, покрај натпреварувачкиот карактер, ја носи и пораката за здрав живот, која ние како општинска администрација веќе многу години се обидуваме да ја промовираме преку формални и неформални политики и поддршка на таквите спортски активности.Во овие спортови не постојат типични победници и губитници, но има натпреварувачи кои се потрудиле повеќе од другите и кои ќе влезат во кругот на првите тројца.

Спортот нè обединува, ги искоренува предрасудите и нè тера да сфатиме дека сме и можеме да станеме подобри, исто како што сакаме да ги запознаеме другите до нас како добар пример во семејството, меѓу пријателите и во општеството во кое живееме, истакна Ахмед Ќазими, раководител на општинскиот сектор за јавни дејности.

Патеката за планинско трчање долга 10 километри, додека за друмски велосипедизам и планински велосипедизам по 20 километри. Најбрзите се очекуваат на Попова Шапка само по еден час од тргнувањето. Завршниот дел од манифестацијата со прогласување на победници е закажан за околу 13 часот.