Дома Балкан Мицотакис се заколна пред попови и влета во Премиерскиот кабинет (ВИДЕО)

Мицотакис се заколна пред попови и влета во Премиерскиот кабинет (ВИДЕО)

Се колнам во светото и неодвоиво Тројство дека ќе го чувам уставот и законите и ќе им служам на интересите на грчкиот народ, со оваа традиционална реченица и со рака на Библијата, во присуство на државниот и црковниот врв, и неговото семејство, лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис положи свечена заклетва за премиер во претседателската палата.

Нова демократија на вчерашните предвремени парламентарни избори во Грција беше апсолутен победник, по што утринава Мицотакис од претседателот Прокопис Павлопулос го доби мандатот за формирање влада.

„Претседателот на државата, Прокопис Павлопулос по средбата со претседателот на Парламентот, Никос Вуцис и соопштувањето од негова страна на распоредот на силите на партиите во Парламентот врз основа на резултатите од изборите на 7 јули, телефонски разговараше со претседателот на Нова демократија, господинот Кирјакос Мицотакис и му го додели мандатот за формирање влада.“ – се вели во сооштението на Кабинетот на претседателот на Грција.

Централно десничарската партија, Нова демократија на изборите освои 158 пратенички места што се доволни новиот грчки премиер да формира еднопартиска влада. Тој синоќа изјави:

„Преземам да ја водам земјата и целосно сум свесен за националната одговорност. Од денес почнува една тешка, но убава битка. Земјата повторно гордо ја крева главата. А ние ги засукуваме ракавите. Новата влада ќе работи напорно, тимски и со скромност.“ – изјави Кирјакос Мицотакис.