Дома Останато Чичко Бранко од Сопиште: Ги гледам секој ден, 20 посто од луѓето...

Чичко Бранко од Сопиште: Ги гледам секој ден, 20 посто од луѓето одвај за лепче крпат

Чичко Бранко има полни осумдесет години и живее во село Сопиште, во близина на Скопје. Човекот, со оглед на неговата возраст и работа во градежништвото, е жива енциклопедија. Работел на многу места, сретнал многу луѓе.

Го најдовме пред колонијалот, кој е сместен во приземјето на неговата куќа. Играше шах со пријателите и се согласи да ни даде одговор на некои прашања.

,,Нашето село, во последните дваесетина години стана особено атрактивно за Скопјани, кои не сакаат да живеат во градскиот метеж и купуваат земја овде кај нас. Градат убави куќи, некои со базени, значи полни раце работа за нас мештаните, кои работиме со градежништво.

Јас сум, можам да кажам, најдобриот мајстор за камен во селово. Сега ме навјасаа годините и повеќе не работам, но моите градби ќе останат да ги сведочат моите дела.

Но, сакам нешто друго да напоменам. За разлика од порано, кога ние бевме млади, сега е друго време. Има луѓе кои навистина немаат. Ги гледам секојдневно, има луѓе, можам да кажам скоро дваесет проценти, кои навистина крпат за нај основни намирници, како леб, млеко, јајца.

Кога ние бевме млади немаше ваква поделба, сите бевме да кажам средна класа. Одевме и по одмори. Некои како мене кои работевме плус приватно, можевме да си дозволиме и нешто повеќе.

Јас на пример бев првиот моторџија во селово. Имав “БМВ”, 500 кубици, со бокс мотор. Затоа, сакам да ги охрабрам особено младите. Да учат по некој занает и да не се срамат од работа. Да не чекаат од тато и мама, туку сами да си заработуваат и да се борат низ животот.

Го оставаме Чичко Бранко посакувајќи му добро здравје, а тој ни отпоздравува со ладното пивце, кое си го отвори при разговорот со нас.

-Пред да си одите, сакам да упатам уште еден апел, ни рече Чичко Бранко. Едно, две пивца може, но младите да не претеруваат со пиењето, бидејќи ќе си го упропастат животот. Сум видел многу такви примери!