Дома Економија Веќе не е прашање дали, платите сигурно ќе се покачат – вчера...

Веќе не е прашање дали, платите сигурно ќе се покачат – вчера во Скопски Супермаркет ми стана јасно тоа

Велат дека секој ден по неколку автобуси полни со цели семејства ја напуштаат нашата држава, упатувајќи се кон западно Европските држави. И овој тренд веќе не е стихиен, луѓето не одат во непознато, туку најчесто таму каде што одат имаат договорено работни аранжмани.

Помеѓу медицинарите, па и другите, најпопуларен јазик за изучување во моментов не е Англискиот, туку Германскиот. Ова особено важи за докторите, медицинските сестри и болничарите, кои конкурираат за работа во болници и домови за стари лица.

Дали ова може да се спречи. Ова е тешко прашање, бидејќи ваквиот тренд не се случува само во нашата држава, туку во цел источно – европски блок, Бугарија, Романија, Србија.

Вчера околу пладне, значи сабота, ден кога се луѓето слободни и одат на пазарување, влегов во еден Супермаркет, кој е дел од еден од најголемите ланци во нашата држава, за да си купам некои намирници.

На “месара” чекав буквално половина час и уште десетина минути на каса. Кога се побунив и побарав од вработената да викне своја колешка за да не чекаме толку, ми беше одговорено:

,,Господине, немам кого да викнам. Само три колешки сме во цела смена! Сопствениците имаат отворен конкурс за вработување, но веќе никој не им се јавува на огласите.”

Погодувате и зошто. Платата на вработен во Маркет е околу 15 илјади денари. Сега секој си го прави есапот дома и дури и да отиде во Црна Гора или Хрватска, ќе земе минимум двојно пари повеќе месечно. Да не зборуваме за Германија или Швајцарија.

Да се вратам на насловот. Полека ми станува јасно дека веќе навистина не е прашање дали, туку платите ќе мора да се зголемат. И тоа веќе не е прашање кое зависи од Владата, било која. Туку, пазарната логика ја наметнува оваа потреба.

Газдите на продавниците ќе мораат да си скратат од својата добивка и да ги поделат парите со своите вработени. Во спротивно ќе треба да ги затворат своите бизниси. Едиснтвено на овој начин колку – толку ќе се намали трендот на иселување.

Само незнам што ќе се прави со здравството. Сметам дека тука нема да помогнат никакви интервенции од државата, бидејќи поради намалувањето на буџетските приходи, државата и нема да има простор за некој поголем маневар со кој би ги задржал своите вработени тука.

Петар П.