Дома Останато По весниците и телевизијата ќе оди во историја – во Америка во...

По весниците и телевизијата ќе оди во историја – во Америка во моментов повеќе се гледа во мобилниот отколку во ТВ

Во САД возрасните лица оваа година ќе поминат просечно 3 часа и 43 минути секој ден користејќи паметни телефони и таблети, што е осум минути повеќе отколку што ќе поминат гледајќи телевизија, предвидува истражувачката компанија „еМаркетер“.

Промената се очекува со години, особено откако паметните телефони станаа присутни насекаде и откако се промени начинот на кој луѓето ги користат уредите. Телефоните овозможуваат повеќе користење на социјалните мрежи, а гледањето серии и филмови на помали, преносни екрани стана вообичаено.

– Денес постојат многу повеќе содржини отколку што постоеја пред само неколку години – истакнува Моника Пијарт, истражувачка во „еМаркетер“, мислејќи на растот на платформите за видеостриминг.

Разликата во поминатото време користејќи мобилни уреди и гледајќи телевизија е значително намалена. Минатата година Американците минувале 9 минути повеќе гледајќи телевизија отколку што користеле мобилни телефони и телефони.

Но, гледањето телевизија порано доминираше и пред само пет години возрасните минуваа два часа повеќе гледајќи телевизија отколку што употребуваа мобилни уреди.

Од „еМаркетер“ очекуваат дека овој тренд ќе продолжи. Проценуваат дека во 2021 година возрасните ќе минуваат 3 часа и 54 минути на своите мобилни уреди, во споредба со 3 часа и 22 минути гледајќи телевизија.

Процените не вклучуваат испраќање говорни пораки на мобилните уреди, но вклучуваат многу други функции.

Најинтересните статистики се поврзани со подемот на платформите за видеостриминг, чија употреба во споредба со минатата година се зголемила за 8 минути.