Дома Економија Тевдовски: Имаме најдобри резултати во економските реформи

Тевдовски: Имаме најдобри резултати во економските реформи

Република Македонија забележува најдобри резултати во спроведувањето на мерките од Програмата за економски реформи во споредба со другите земји од процесот, согласно оценките на програмите од страна на Европската комисија, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната конференција за почеток на Програмата за економски реформи 2020-2022.

Членството во ЕУ е јасен приоритет на Владата. Тоа се гледа и од спроведувањето на мерките од Програмата за економски реформи. За споредба, откако започна да се подготвува Програмата, до 2017 година, реализацијата на препораките од заедничките заклучоци, беше доста ниска.

Постојано беше посочувано дека земјата нема стратегија за реформи во јавните финансии, недоволна транспарентност во јавните финансии, честа промена на законите и некористење на алатката ЕНЕР за консулатции со јавноста по предлог закони, како и непреземање на активности во однос на неформалната економија – рече Тевдовски.

Тој посочи дека со последните две Програми за економски реформи, поконкретно Програмата 2018 и Програмата 2019, направен е целосен пресврт во поставување и реализација на мерките.

По првпат имаме јасна и кредибилна Стратегија за реформи во јавните финансии, значително е подобрена транспарентноста во јавните финансии. Стабилизирано е нивото на јавниот долг. Започна отплатата на доспеани неплатени обврски на јавниот сектор.

Редовно се користи алатката ЕНЕР за консулатции со јавноста по предлог закони. За прв пат е донесена Стратегија за формализација на неформалната економија и веќе имаме спроведено активности предвидени со Акцискиот план 2018-2020 – рече Тевдовски.