Дома Економија Кој добива, а кој губи со воведувањето на Пејпал во Македонија

Кој добива, а кој губи со воведувањето на Пејпал во Македонија

loading...

П: Што ќе ни е Пејпал кога веќе има можности со банките да се врши електронска трговија? – ме прашува еден пријател од државна институција. И повеќе други истото се прашуваат.

О: Па во другите земји немаат банки чим вовеле ПејПал за продажни места? Во Англија или Франција нема јаки банки што може да понудат вакви платежни услуги како ПејПал? Не сакам мојата земја да биде единствена (заедно со Србија и Црна Гора, веројатно и Косово) што нема да има ПејПал – обично е мојот одговор.

Повеќето државни службеници немаат солиден допир со реалноста во економијата

Од досегашните разговори и дискусии со различни групи на луѓе можам да заклучам дека повеќето од државните службеници задолжени за проблематиката на економија, платежни услуги, законска регулатива, па и царина според некои сознанија, недоволно ја согледуваат потребата од воведување на Пејпал за продажни места во Македонија. За нив, потребите на малите и микро фирмите како да не постојат.

Не можат да сфатат дека и веб сајт од 200 евра е скапа работа ако не си почнал да продаваш производ или услуга.
Државните службеници не можат да сфатат дека административните трошоци за професионалците и за микро фирмите се огромни и забележителен процент од нивните трошоци во работењето.

loading...

Не можат да сфатат дека и веб сајт од 200 евра е скапа работа ако не си почнал да продаваш производ или услуга. Не можат да сфатат дека ако се воведе Пејпал, производите и услугите на илјадници индивидуалци ќе може да се продаваат дома и во странство преку праќање на емаил и линк до Пејпал за плаќање. Наместо веб сајт со многу страници, доволна ќе биде една страна со една или повеќе слики и копчиња со линк до Пејпал за плаќање.

Виртуелно нула трошоци за почеток. Старо и младо може да користи. Илјадници нови идеи и нови микро бизнис ќе се отворат. Дури и дијаспората ќе може да отвора сметки во Македонија.

Се потрошија години и многу пари за да може да се забрза постапката за отворање на фирма. Сега регистрација на фирма е едноставна работа. Но за да почнеш да продаваш електронски, воопшто не е едноставна, ефтина и брза работа.

Се чини дека никој не може подобро да поддржува во почетната продажба од Пејпал. Затоа е важно оваа услуга да се воведе во Македонија.

Споредба на постапка за електронска трговија преку банка и преку Пејпал

Отворање на продажно место преку банка е поскапо и посложено од отворање на продажно место преку ПејПал. Ако си преку банка, програмери и нивната тарифа ти е задолжителна ставка во трошоците. Ако си со ПејПал, може да направиш веб страна или веб сајт кој ќе биде бесплатен и да го вметнеш без програмирање копчето ПејПал.

Постапка со банка

Отвораш сметка во банка во Македонија (ако веќе немаш отворено)

Правиш веб сајт со листа на производи и кошничка. (задолжително)

Пополнуваш формулар за продажно место

Контактираш со банката за интерфејс и усогласување

Контактираш со програмери за да го вградиш во сајтот

Праќаш емаил со информација за продажно место

Постапка со Пејпал

Отвораш сметка во банка во Македонија (ако веќе немаш отворено)

Правиш веб сајт со листа на производи и кошничка (не е задолжително)

Отвораш акаунт во Пејпал и ја поврзуваш сметката од банка со Пејпал

Правиш емаил со производот и го праќаш на емаил на кого сакаш или ставаш слика со производот и копче Пејпал на празна страна и почнуваш со продажба

Постапката за поставување на копче за Пејпал ја има на постот „Поставување на PayPal на веб сајтови направени со Wix, Weebly и WordPress“

Кој губи а кој добива или е Победничко сценарио за сите?

Предности за продавачите и креаторите на производи и услуги

Основно е што постапката за креирање на акаунт во Пејпал е брза бидејќи претходно проверките се направени со некоја од домашните банки. Со креирањето на сметката веднаш се почнува со продажба преку емаил или веб. Нема иницијални трошоци за програмирање на веб сајт.

Домашните македонски банки ги „работат“ парите што ќе стигаат од уплатите од ПејПал – не само што не се заобиколени туку имаат и екстра промет кој ионака немале да го имаат ако не бил ПејПал.

ПејПал продажбата може да се стави на било кој светски или домашен веб билдер за правење на сајтови. Со сметката во ПејПал се води солидна евиденција на продаденото и наплатеното, поплаките и слично. Може да се креираат повторувачки плаќања како месечни претплати, годишни и други кастомизирани плаќања.

Продавачите може да ја зголемат продажбата бидејќи многу странски купувачи не се осмелуваат да купуваат од сајтови кои бараат само кредитна картичка – да се навратам на горниот муабет, тоа некако не им е сфатливо на нашите државни службеници.

Дали се оштетени банките?

Не се. Ќе се отворат многу повеќе продажни места со приходи кои ионака банките нема да ги добијат ако нема Пејпал. Сметките на онлајн продавачите остануваат кај домашните банки.

Дали се оштетени програмерите?

Не се. Тие што имаат многу мал буџет или немаат буџет ионака не се таргет за програмерите. Еднаш кога ќе застанат на нозе, овие електронски трговци ќе се обратат на програмерите за напредни решенија и што е најважно – ќе бидат во можност да платат.

Дали државата губи? Дали губат политичарите?

Секако не. Продажби на интернет ќе создадат нови даночни обврзници кои се евидентирани и ќе треба да плаќаат давачки. Тие што работат на црно или преку други земји за продажба, ќе ги пренасочат активностите во Македонија. Ќе се создадат улови за развој на придружни гранки како пакувачка индустрија, транспорт …

Најпродуктивните граѓани остануваат во земјата. Ќе има прилив на девизи, раст на БДП, поправилно распределување на благосостојбата на повеќе граѓани, растеретување на буџетот …

Со една реченица: ќе заживее економијата.

Извор: Логин Системи

loading...