Дома Свет Истражувањето за Македонската дијаспора во Австралија го опфати и идентитетот

Истражувањето за Македонската дијаспора во Австралија го опфати и идентитетот

Министерствоto за надворешни работи на Австралија, претставници на македонската дијаспора и научници од повеќе австралиски универзитети изработиле досега најобемно истражување на македонската дијаспора во Австралија кој беше промовиран вчера во австралискиот Парламент.

– Стоилјадната македонска заедница ја збогатува Австралија уште од 1880ите години, и претставува основа на нашите односи со Македонија, изјави на промоцијата на извештајот Ричард Марлес, парламентарен секретар за надворешни односи и односи со пацифичките острови.

Loading...

Истражувањето било извршено над 1.083 испитаници од сите делови на Австралија. Во своите политички активности во Австралија, мнозинството испитаници кажале дека се мотивирани и од односот на австралиските власти кон Македонија.

– Повеќе од три четвртини од испитаниците изјавија дека ставовите на австралиските партии кон Македонија се или многу важни или важни за тоа дали ќе гласаат за нив на австралиските избори. Ова укажува дека македонската заедница во Австралија може да ги засили своите напори за лобирање, пред се за признавање на македонското име и за отворање на австралиско дипломатско претставништво во Скопје. Се додека овие две прашања не бидат решени, македонската заедница во Австралија ќе продолжи да се чувствува дискриминирана и запоставена од австралиските власти, пишува во извештајот на Австралискиот совет за истражувања, во чија изработка како ко-автор учествувал и Ордан Андреевски, директор на Обединетата македонска дијаспора за Австралија.

Иако Австралија се уште не ја признава Република Македонија под уставното име, во извештајот за македонската дијаспора на стотина страници, слободно се употребува името Македонци. Според австралиските статистики, на овој континент живеат околу 84.000 Македонци, но се проценува дека таа бројка е приближно двојно поголема, пред се поради начинот на кој се евидентираат граѓаните кои се родени во друга држава, а не во Република Македонија. Голем процент од Македонците во Австралија се доселени од Егејска Македонија, по Грчката граѓанска војна.

Истражувањето покажува дека Македонците во Австралија еднакво го дожиуваат својот идентитет како македонски, македонско-австралиски или австралиско македонски. На прашањето, колку блиски се чувствувате со Македонија, 60 проценти одговориле дека Македонија ја доживуваат како многу блиска, а уште 26 проценти од испитаниците се изјасниле дека Македонија ја доживуваат како блиска.

Иако се работи за географски најоддалечената голема заедница на македонската дијаспора, само 10 проценти од испитаниците се изјасниле дека досега ниту еднаш немале можност да ја посетата Македонија. Над 40 проценти од анкетираните Македонци во Австралија кажале дека родната земја ја посетуваат на секои 2-3 години, додека преостанатите испитаници кажале дека во Македонија патуваат кога има можност или повод.

Растојанието не е пречка и за деловни врски за 20 проценти од испитаниците кои кажале дека имаат деловни партнери или контакти во Македонија. Како главна пречка за поголема деловна соработка и инвестирање во Македонија, испитаниците ја наведуваат професијата на Македонците во Австралија, кои во мал процент се ангажирани во трговија со други држави, но и македонската бирократија.

Анкетата покажала дека Македонците во Австралија добро го познаваат македонскиот јазик, со незначителен број кои се изјасниле дека не знаат да зборуваат или пишуваат на македонски.

Извор: mn.mk

Loading...