Дома Балкан Омиленото јадење на Македонците во Грција поскапува од следниот месец

Омиленото јадење на Македонците во Грција поскапува од следниот месец

Гирото во Грција од 1 мај се очекува да биде поскапо за 10 до 15 проценти, односно за 10, 20 или 30 центи, поради покачувањето на цените на месото, и да достигне цена до три евра.

По веста за зголемувањето на цената, што ја објави грчката телевизија „Скај“, се огласи претседателот на Комората на трговци од Атина, кој повика на дијалог со цел цените да останат исти, а дописничката на МИА од Атина поразговара со сопственици на таверни кои служат гиро и ја потврдуваат информацијата.

– За жал ќе мора да ја зголемиме цената, веројатно тоа ќе биде од 1 мај. Ако сега гирото чини 2,10 евра, тогаш цената ќе биде 2,20 или 2,30 евра, вели сопственичка на продавница за гиро.

– Слушнавме за покачувањето на цената, меѓутоа ние, за почеток нема да направиме промени. Цената ќе остане иста, иако месото е поскапо, вели сопственик на таверна.

На прашањето на МИА дали тоа им оди во прилог во однос на профитот, сопственикот вели дека генерално, гирото за носење не носи воопшто профит, но немаат друг избор, бидејќи сакаат да им излезат во пресрет на граѓаните.