Дома Останато Росоклија: Кога Беличанец на сцена моли за љубов, половина мажи од салата...

Росоклија: Кога Беличанец на сцена моли за љубов, половина мажи од салата имаа порив да скокнат и да и ја пружат

Синоќа болн одекна веста дека познатата актерка и градоначалничка на општина Кисела Вода не е повеќе меѓу нас. Покрај колегите, на социјалните мрежи од неа се простија и многу јавни личности.

Меѓу нив и Професорот Д-р Горазд Росоклија, кој живее и работи во Америка. Тој сподели свој статус од 2015 година кога гледал и бил воодушевен од актерската големина на Беличанец:

“,,ЉУБОВНИЦИ” – Катерина Коцевска. Претставата се гледа, се слуша и се доживува во еден здив.

Од кревањето на завесата и појавата на софистицирано убавата и раскошно талентирана Билјана Беличанец Алексиќ, до моментот на спуштање на завесата, последната љубовна прегратка и размислувањето кое е во вас, што сега кога сум (или не сум) заљубен, кога знам кој сум, каде од тука?

Карактерите на личностите се обмислени на ниво на карактерите кај Шекспир и Достоевски. Комплексни, логични.

Билјана Беличанец Алексиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Драган Спасов Дац и Зоран Љутков ги играат со таква леснотија, што вие како гледач заборавате дека пред себе имате глумци кои САМО го глумат карактерот.

Кога Билјана моли за љубов, половина сала, мажите, имаат порив да скокнат на сцената да и ја пружат.

Маја, со најмалку зборови од сите ликови, ви предизвикува најснажни емоции и емпатија за жените чија животна судбина е слична, а нив ги има многу меѓу нас.

Што да кажам за Дац и за Љутков? Брилјантни! Ако за момент ги нема на сцената, се фаќате себе си како мислите на нив и на нивното следно појавување.

Кога Дац (доктор), се што е проблем и лична драма за Љутков, оценува како ,,ништо”, ,,нормално”, ме потсетува на коментар кој многупати сум го чул:,,верувам дека си добар доктор, но дома си никаков, за тебе се е ништо”.

Дац на сцената е вистински доктор и при секое појавување доминира со сцената како што некогаш, како дете, доживував дека доминира Илија Џувалековски-Личко.

Во ,,Љубовници”, секој лик знае кој е, само Љутков се открива себе. И тој тоа го прави со наивност на дете кое откривајќи се, открива постоење на еден свет кон кој до тој момент ги гаел предрасудите на мнозинството околу него. Различен од нас во дел од интимата, а подобар, почесен и поискрен од повеќето ние.

Љубовници се доживува во еден здив, а после претставата имате желба да разговарате за тоа кој сте вие, што вас ве прави среќни и каде сакате да одите од тука, од моментот во кој сте. Ние, друштвото, останавме до зори во разговор.”